Иако енергетиката е заедничка основа на европската економија, земјите-членки на ЕУ имаат впечатливо различни енергетски политики. Во контекст на прилагодување на безбедносната, економската и на еколошката криза, сè почести се апелите за надминување на тензиите во поглед на енергенсите. Разговаравме со економистката Хелен Томпсон за разликите што ги наметнува енергетската криза, за владините реакции на актуелното безредие и на изгледите за поголемо европско единство.

Зелен европски журнал: Кон крајот на летото во 2022 година, францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека сме го достигнале „крајот на изобилството“. Што мислите за ова, особено во однос на енергенсите?

Хелен Томпсон: Во извесна смисла, Макрон отворено соопшти еден факт. Навлегуваме во ера, или можеби веќе извесно време и ја живееме, на релативен дефицит на енергенси, иако нагласувам релативен бидејќи тоа не е едноставно прашање. Економските околности значително се отежнати и нема изгледи дека во догледна иднина ќе се подобрат во голема мера. Сепак, изразот е проблематичен бидејќи многу луѓе во западните земји веќе некое време не живеат во доба на изобилство. Многу луѓе во Европа со години ги искусуваат економската криза што лежи во основата на енергетските проблеми и односот помеѓу енергетиката и финансиските и монетарните прашања кои во последно време се со ограничен раст. Затоа таа е политички одбивна. Да се говори за доба на изобилство значи целосно да се занемарат проблемите со распределбата.

Многумина веруваат дека енергетската криза е исклучиво резултат на руската инвазија врз Украина. Но, во која мера енергенсите веќе беа неизвесни и претходно?

Енергетската криза постоеше и пред војната. Дури и ако ја сметате за краткорочна енергетска криза наспроти подолготрајна за каква што јас ја сметам, пред војната постоеја два моменти на пресврт. Првиот беше опаѓањето на производството на нафта во 2019 година, пред појавата на пандемијата, што доведе до незначителна дупка помеѓу глобалната потрошувачка и производството. Штом економијата почна да закрепнува по пандемијата, во 2021 година цените на нафтата почнаа повторно нагло да растат, и администрацијата на Бајден и европските влади почнаа да се загрижуваат.

Вториот пресврт настана со драстичното зголемување на побарувачката на Кина за увоз на гас во 2021 година. Тоа беше придружено со очигледната неподготвеност на Газпром да овозможи гас за целните пазари поголем дел од периодот истата година, претпочитајќи да се ограничат на исполнување на долгорочни договори со европските земји. Тоа доведе до структурна компетитивност во поглед на течниот природен гас меѓу земјите од Азија и од Европа, кои плаќаа многу повисоки цени од САД (кои се главен производител на течен природен гас, но со ограничен капацитет за извоз). Ефектите од ваквиот развој во Европа беа потиснати со појавата на варијантата омикрон кон крајот на 2021 година. Значи, може да видиме дека ограничувањата на понудата среде енергетската криза веќе постоеја и пред да избие војната.

Цената на енергенсите ги диктира животните трошоци. Дали сега за првпат домаќинствата и бизнисите во Европа го чувствуваат влијанието на глобалната конкуренција за добра што претходно можеле релативно лесно да си ги дозволат?

Во поглед на кризата со животните трошоци, постои доказ за тоа дека цената на енергенсите ги притиска домаќинствата уште од август 2021 година; само омикрон ја олесни состојбата на пазарот. Исто така, тој го пренасочи вниманието. Бизнисите почнаа да се интересираат за цената на гасот во втората деценија од XXI век, особено за индустриските економии што користат многу енергенси, како Германија. Големата разлика помеѓу цените во Европа и во Америка ги натера германските компании да сфатат дека тие сносат трошоци што Американците ги немаат.

Енергетската криза предизвика некои регресивни чекори за зелената транзиција, вклучувајќи го и враќањето на јагленот во употреба. Некои дури сметаат и дека транзицијата е делумно одговорна за зголемените животни трошоци. Колку е ова точно?

Тоа е комплицирано прашање. Не е јасно дали постои каква било силна, директна врска помеѓу употребата на сончева и ветерна енергија за производство на електрична енергија и прашањето на животните трошоци, освен во случаи во кои, како во Германија, некои од трошоците за енергетска транзиција структурно се вметнуваат во сметките за електрична енергија.

Сепак, постои интеракција помеѓу проблемите што ги поставува особено непостојаноста на ветрот и проблемот со гасот. Веќе извесно време неколку европски земји имаат релативно ниски нивоа на ветер. Тоа создава потреба за гас, кој, пак, е многу скап, понекогаш дури и премногу, особено во северноевропските земји кои повеќе се потпираат на ветерни извори одошто на соларни. Така, јагленот станува резервна варијанта. Во таа смисла, ограничувањата на енергетската транзиција, особено во поглед на непостојаноста, барем делумно придонесуваат кон борбата за гас и враќањето на јагленот во употреба. Наспроти фактот што би требало да сме во транзиција кон истиснување на јагленот од употреба, имаме невидено високи цени на јагленот.

Како актуелната криза ги открива енергетските поделби помеѓу европските земји, но и во нив?

Постојат многу различни енергетски мешавини во разни европски земји. Тоа главно влијае врз тоа како се одвива актуелната енергетска криза. Она што исто така избива во преден план е разликата помеѓу земјите со нуклеарна енергија и оние без неа. Нуклеарната енергија беше причина за тензии во рамки на ЕУ за време на разговорите за зелена таксономија и претставува јасна линија на поделба помеѓу Франција и Германија.

Со враќањето на јагленот во употреба ќе биде потешко да се изврши притисок врз Полска поради нејзината голема употреба на јаглен според европски стандарди. Она што по избивањето на војната во Украина го покажаа европските земји, особено Германија, е дека јагленот како енергенс останува откако ќе се исцрпат другите можности. Разликите се структурни на тој начин што произлегуваат од фактот што, подолго време, нема особено единство во начинот на кој земјите-членки на ЕУ ги спроведуваат своите енергетски политики.

Во поглед на внатрешните разлики во земјите, постојат разлики во волјата на некои луѓе да ги прифатат последиците на делот од енергетската криза што е поврзан со војната. Овие разлики се најјасно видливи во Италија. Владата на Марио Драги падна поради отсуство на поддршка од движењето Пет ѕвезди, кои го критикуваа Драги што ѝ даде приоритет на војната пред животните трошоци. Иако лидерот на Фратели д’Италија (Fratelli d’Italia) (сега најголемата партија во Италија) е верен поддржувач на украинските воени напори, овој проблем нема да исчезне. Слични тензии во однос на животните трошоци има во Чешка, каде што неодамна имаше големи антивладини демонстрации. Оваа поделба меѓу животните трошоци и војната е несреќна, бидејќи не е вистина дека енергетската криза настана поради војната. Војната беше само кулминација на енергетската криза, а не нејзина причина. Секако, ја влоши. Но, не беше примарна причина.

Поделени се прашањата за тоа како се дефинира енергетската криза, каква фискална поддршка им се нуди и на домаќинствата и на бизнисите, колку долго треба да трае таа поддршка и што ќе се случи ако војната заврши, но енергетската криза остане. Во суштина, енергенсите се прашање на распределба. Колку сте побогати, толку повеќе трошите, а колку сте посиромашни, толку помалку трошите. Ако треба да ја смалиме потрошувачката на енергенси, строго политичко е прашањето на кого ќе се однесува тоа.  

Војната беше само кулминација на енергетската криза, а не нејзина причина.

Многумина аналитичари ги споредуваат денешната енергетска криза и онаа од седумдесеттите. Во која мера либерализмот беше решение за последниот поголем енергетски шок на западот?

Не е можно да се разбере решението на проблемот во седумдесеттите (што се дефинира како неолиберализам) без тоа да се смета првенствено за решение на енергетската криза. Во мера во која е соодветно да се говори за неолиберализам, односно за подигање на пазарните принципи пред интервенцијата на државата, тоа е првенствено наратив за САД и за Велика Британија. Во седумдесеттите, енергетската криза во САД беше адресирана од страна на неверојатна интервенционистичка федерација што одлучуваше кои држави какви енергетски извори ќе добијат и со каква цел. Таа, исто така, ги контролираше и цените. Претседателството на Реган ја укина таа енергетска федерација. Во меѓувреме, во Велика Британија, првата влада на Тачер овозможи производство на нафта на Северното Море според меѓународни пазарни договори.

Во однос на тоа како завршија проблемите со инфлација во седумдесеттите, колку што е потребно енергетско решение толку е потребно и она што може да се опише како неолиберално монетарно решение. Во почетокот на осумдесеттите години, монетарната политика на Федералните резерви на САД создаде услови за рецесија (не само во САД, туку насекаде во светот), со што се постави пониска побарувачка на нафта за да се овозможи време за да стапи на сцена ново, поскапо производство од Северното Море, Алјаска и Мексико. Кога со новата понуда се појавија нови пониски цени на нафтата, се намали и инфлацијата.

И осумдесеттите беа период на деиндустријализација во Европа. Може ли да наведеме слична енергетска приказна за подемот на неолиберализмот во денешната Европска Унија?

Прво треба да се каже дека Западна Германија стоеше настрана од тоа нешто што се нарекува неолиберализам, а одредени одлики на западногерманската економија останаа различни. За разлика од САД и од Британија, Германија не произведува нафта или гас и никогаш не била во позиција да дозволи меѓународниот пазар да се грижи за енергетското прашање. Тоа што Германија зависи од нафта и гас од странство ја прави многу ранлива, и во макроекономска смисла, уште од кога започна ерата на нафта. Токму затоа уште од 1945 година му се припишува толку големо значење на нејзиниот трговски суфицит. Ако сте важен увозник на енергенси, треба да бидете во можност да платите за нив. Тоа исто така објаснува зошто Германија беше побрза од другите европски земји и од САД во патот кон енергетска транзиција. Не стануваше збор само за климата, тоа беше одраз на долгорочната енергетска тешкотија на Германија да зависи од нафта и од гас.

Во исто време, монетарните проблеми со кои се соочија земјите од Економската заедница по укинувањето на Бретонвудскиот систем и енергетските шокови во седумдесеттите ја доведоа Европската заедница, со исклучок на Британија, во монетарна унија. Со шоковите во седумдесеттите, западногерманската валута беше многу посилна и имаше многу поголем антиинфлаторен кредибилитет од која било друга европска валута. Во тој контекст е создадена еврозоната. Речиси секогаш постои приказна за односот помеѓу енергетската страна на нештата и монетарната страна на нештата.

Владите на Шпанија и на Португалија преминаа на ограничување на цените, додека други земји ги национализираа енергетските компании и инфраструктурата. Дали државата ќе треба да преземе поактивна улога во гарантирањето енергетска сигурност во годините што претстојат?

Во земји што силно зависат од увоз на енергија, државата никогаш не отстапила од длабока промисленост на енергетската сигурност. Чекорите што беа преземени за решавање на енергетската криза во седумдесеттите, па дури и онаа кон средината на првата деценија од овој век, не може да се повторат. Не може да им дозволите на силите на пазарот да донесат нова понуда. Нафтата од крајбрежјето на Северното Море веќе е извадена, а геополитичкиот развој го претвори потпирањето врз Русија во ќорсокак. Понатаму, монетарните околности по 2008 година (со квантитативно олеснување што овозможи голем капитал да се излее во непрофитабилни инвестиции во секторот со шкрилци во САД) веќе не постојат. Навистина, се обидуваме да ги анулираме тие монетарни околности поради проблемот со инфлацијата.

Во тој контекст, единствениот начин што останува за решавање на овој проблем е државата да биде многу поинтервенционистичка, било преку преземање директна контрола врз индустријата или преку огромна фискална поддршка. Прашањето е: може ли да постои огромен фискален расход кога пазарот на обврзници станува напнат, централните банки ги стегаат политиките, а доларот е посилен во споредба со повеќето валути во светот? Пред европските земји е сериозно прашање: дали износот на заемот неопходен за поддршка на енергетскиот сектор ќе ја забрза валутната криза.

Додека политиките на ЕУ како Зелениот договор, санкциите врз Русија и единствениот пазар влијаат врз енергетската политика, не постои европска енергетска политика. Дали сметате дека ЕУ ќе стекне поголеми знаења во оваа област?

Несомнено заедничките енергетски проблеми ја поттикнуваат европската соработка. Енергенсите беа клучни и за претходниците на ЕУ, Европската заедница за јаглен и челик и Европската заедница за атомска енергија. Генерално, европските земји имаат заеднички енергетски проблеми. Периодот на поделби меѓу увозниците и извозниците на енергенси, како Холандија, Норвешка и Велика Британија не е сосема завршен, но се ближи кон крајот, при што Кипар е потенцијален исклучок. Тоа што проблемот со енергенсите е заеднички, како и климатските промени, поттикнува соработка и интеграција.

Од друга страна, постојат значителни разлики помеѓу земјите во ЕУ. Географијата на Европа дополнително ги компликува нештата во однос на патиштата за дистрибуција; многу е пологично Франција и Шпанија да се свртат кон Алжир отколку кон Балтикот или кон Германија. А високата потрошувачка на енергенси не е веќе само прашање на западот. Да поедноставиме, Германија ги наполни своите резерви со гас за претстојната зима така што значително му отежна на Пакистан да купи каков било течен природен гас поголемиот дел од летото. Суштината е дека тие едноставно не можеа да си дозволат да ги платат сумите што европските земји беа подготвени да ги платат. Тоа влијаеше врз потенцијалното европско единство, бидејќи односите на одделни европски земји со остатокот од Евроазија и Африка не е ист. Проблемите во северна Африка и на Блискиот Исток различно се одразуваат врз јужна Европа во споредба со северна Европа. Иницијативите за единство се силни, но вистинските специфики на изнаоѓање заедничка основа се значително потешки.

Заедничките енергетски проблеми ја поттикнуваат европската соработка.

Велите дека дури и со забрзаната употреба на обновливи извори на енергија и со укинувањето на фосилните горива треба да користиме помалку енергенси. Во седумдесеттите години, Џими Картер не ги доби изборите затоа што побара од Американците умерено да трошат електрична енергија. Зошто на запад е толку тешко да се побара да се намали потрошувачката?

Картер е политичар кој најсистематски и најдрастично се обидел да го стори тоа (особено во поглед на јазикот што го користел во неговиот „непријатен“ говор во јули 1979 година), и бил казнет за тоа. Сепак, ако се навратите на Европа во седумдесеттите години, ќе видите дека луѓето биле подготвени да прифатат ограничувања за намалена брзина и недела без автомобили за да ја намалат потрошувачката на енергенси.

Нешто е променето во Европа од седумдесеттите до сега. Впечатливо е што, сè до појавата на војната, ниту еден политичар немаше волја да изнесе такви аргументи поради климатските промени или да одговори на состојбата со животните трошоци. Војната ја смени состојбата така што го зголеми ризикот од едноставен прекин на достава, а на луѓето им е полесно да сфатат дека потрошувачката претставува проблем.

Она што му пркоси на објаснувањето е зошто, во осумдесеттите и деведесеттите, на европските и на американските политичари им стана толку потешко искрено да говорат за енергетските ограничувања со кои се соочуваме. Можеби тогаш европските демократии не беа навикнати да размислуваат за енергенси или за жртви. Наспроти тоа, во седумдесеттите, можеби сè уште постоело доволно сеќавање на немаштијата и на оскудицата со храна што идејата за ограничено користење на енергенсите не изгледала како шок. На пример, во Британија ограниченото трошење на храна траело сè до педесеттите години, а енергетската криза почна во 1973 година. Тоа се само 20 години.

Војната во Украина ја стави енергетската транзиција во преден план. Треба ли да се обидеме да ги здружиме нашите решенија за климатската криза и за безбедносните прашања во Европа?

Да, тука постои заедничка нишка. Таа може да се однесува на потребата да се промени начинот на кој трошиме енергенси, и поради тоа што зависиме од Русија и поради тоа што веќе сме навлезени во климатска криза. Во таа смисла, треба да се преброди тешкиот период за да се стигне до иднина во која климата нема да претставува толкава закана, а лидери како Путин нема да можат да го користат статусот на енергетски суперсили на своите земји за стекнување геополитичко влијание. Да се надеваме дека ќе може локално да произведуваме доволно енергенси со декарбонизиран процес.   

Негативната страна на овој наратив е што му недостига важен дел што се однесува на ограничувањата на употребата на фосилните горива како ресурс. Дефиницијата што ја користат Емануел Макрон и (поранешната) британска премиерка Лиз Трас („само треба да го издржиме ова за доброто на Украина“), претпоставува дека, ако и кога војната ќе заврши, енергетската криза ќе прекине. Но, нема.

Освен тоа, декарбонизираната иднина нема да ја смени зависноста на европските земји од странски ресурси. Европа ќе зависи од остатокот од светот за метали. Геополитиката на ископување и односот помеѓу животниот стандард во деловите од светот со најголеми придобивки од големата потрошувачка на енергија и деловите од светот каде што се наоѓаат и од каде што ќе се екстрахираат ресурсите претставува значаен политички проблем со кој ќе се соочат нашите консумеристички и екстракциски земји.

Вашата најнова книга е насловена Безредие. Дали тоа ќе стане норма во претстојните децении? Или енергетската транзиција и поширокиот поттик за издржливост во Европа навистина ќе овозможат поголема безбедност и стабилност во иднина?

Историски, безредието има тенденција да стане норма; вообичаено, периодите на релативен ред се само интермеца. Делови од овој и од минатиот век не тргнаа настрана од таа реалност. Самата енергетска транзиција (која ако биде успешна е подобро да се опише како енергетска „револуција“) наметнува огромен пресврт. Таа ефективно опфаќа одново поставување на енергетски темели на нашата материјална цивилизација. Не постои економска активност без примена на некаков вид енергија. Може да речете дека економската активност претставува примена на енергијата. Посветени сме да правиме нешто што е извонредно трансформативно, така што е тешко да се предвиди каква било вистинска стабилност во многуте децении пред нас.

Јас не сум некој што верува дека сме на пат кон утопија каде што сите проблеми поврзани со енергијата добиена од фосилни горива ќе исчезнат засекогаш и дека фосилните горива ќе бидат заменети со некој друг енергенс. Ниту, пак, мислам дека сè е предодредено да заврши со апсолутна катастрофа. Постои ли пат кон нешто доволно трансформативно што исто така нуди постабилна иднина, колку и да е далечно? Мислам дека би можело да постои. Ако погледнете низ историјата, дури и многу долгите периоди на безредие некогаш мора да завршат.