Во последно време станаа популарни апелите на климатското движење „загадувачот да плати“ и „оданочете ги богатите“, кон што се приклучи и Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш со остар говор за компаниите за фосилни горива и оние што им дозволуваат да работат. Сепак, исходот од овие барања не е ни малку импресивен. Новинарката Седен Анлар ги проучува штетните фискални политики имплементирани во ЕУ и пристапот за даночна праведност што ЕУ мора да го усвои за да ги заштити луѓето и планетата.

Фрапантна инфлација, огромни сметки за електрична енергија, зголемена цена на наемнината – живееме во канџите на најголемата криза во поглед на животните трошоци со децении. Бројките говорат. Едно неодамнешно истражување на Оксфам покажува дека инфлацијата ги троши надниците на 1,7 милијарди работници, а повеќе од 820 милиони луѓе во светот денес се соочуваат со глад. Ситуацијата во Европа ја одразува глобалната слика. Денес, најмалку 50 милиони Европејци живеат во енергетска сиромаштија, народните кујни се преполни со нови корисници, илјадници луѓе се соочуваат со губиток на работните места како резултат на енергетската криза, а многумина други ги губат своите домови поради вртоглавите цени на наемнината.

Влијанието од овој економски пад е толку широко распространето, што, според најновото истражување на Евробарометар, 93 проценти од учесниците во анкетата се загрижени за кризата со животните трошоци, а 45 проценти од испитаниците во моментов имаат „некакви“ или „многу“ тешкотии со нивниот личен доход. Зголемувањето на животните трошоци го зема својот данок, особено кај младите луѓе и нивниот животен стандард бидејќи тие претрпуваат уште еден удар по пандемијата. Неодамна OECD предупреди дека младите луѓе се диспропорционално засегнати од кризата и дека постои ризик од „долгорочни лузни“ врз нивните кариери и економскиот исход.

Сепак, изгледа дека не се сите во загуба. Компаниите за фосилни горива имаа плодна година, објавувајќи рекорден профит преку стотици милијарди субвенции и неочекуван профит. Во 2022 година, Шел енерџи (Shell Energy) оствари квартален профит од 13 милијарди евра, што е зголемување од 92 проценти во споредба со претходната година, а француската компанија Тотал СЕ трикратно ја зголеми својата квартална добивка на 9 милијарди евра. Овој профит отиде во рацете на акционерите на компанијата кои добија повисоки дивиденди, додека домашниот буџет се намалуваше, енергетската транзиција се одолговлечи, а климатската криза се влоши.

Со растот на инфлацијата, сè повеќе луѓе почнаа да доживуваат економски проблеми, а овие впечатливи разлики станаа повидливи и сите очи се вперија кон ЕУ во потрага по одговори и решенија. Иако ЕУ презеде некои позитивни чекори, како дополнителен данок на профит, таквите брзи решенија не се доволни за да се адресираат и да се решат меѓусебноповрзаните проблеми со кои се соочуваме во моментов. Затоа, европскиот фискален систем треба да претрпи трансформација од систем заснован на линеарен економски модел кон циркуларен систем што е подготвен да ги адресира нееднаквостите што излегле на површина и се зголемиле со кризата со животните трошоци, транзиција од употреба на фосилни горива и справување со климатската криза, и конечно да ја направи ЕУ поиздржлива за идни кризи. За адресирањето на европските економски, еколошки и социјални предизвици не само што се потребни реформи, туку и јасен прекин на сиромашијата, со што владите би добиле можност за дополнителни средства за инвестирање во ефикасни јавни услуги. Но, каде да најдеме пари?

На економистите често им се поставува ова прашање: што ако владите едноставно печатат повеќе пари? Проблемот со овој пристап е што тоа би го зголемило количеството на валути во оптек без да се регулира економската активност. Во суштина, ако потрошувачите купуваат повеќе нешта со печатени пари, бизнисите ќе бидат поттикнати да го задржат своето ниво на производство и да ги покачат цените, ефективно поттикнувајќи инфлација. Со оглед на тоа што Европејците се борат со кризата со животни трошоци, не можат да си го дозволат ризикот да поттикнат инфлација.

Следи ги парите

Што ако наместо да печатат повеќе пари, владите ги следат парите, ги ребалансираат даноците во Европа и ги стават климатската и социјалната правда во фокусот на нивните активности што генерираат приход? Даночната праведност претставува важен дел од оваа фискална сложувалка што може да ѝ помогне на ЕУ да се справи со кризата со животни трошоци и со климатската криза преку намалување на разликите, финансирање на ефикасни јавни услуги, поттикнување одржливост и елиминирање на социјално и економски деструктивно однесување од страна на  компаниите. Преку оданочување, владите може да испратат сигнали за усогласување на стимулациите со нивните цели и приоритети за да спроведат постојани промени во однесувањето и инвестициите. Сепак, даноците како средства за нивно постигнување во ЕУ се масовно недоволно искористени бидејќи даночните политики се осмислени за да го заштитат интересот на највлијателните лица, мултинационалните компании и на загадувачите за доброто на конкуренцијата и на растот на БДП.

Според фондацијата Проект Екстакс (Ex’tax Project), од 2021, секоја година, земјите-членки на ЕУ собираат повеќе од 6 трилиони евра во даноци. Поголемиот (51,7 проценти) дел од овој износ произлегува од данокот на личен доход, персоналниот данок, и од придонесите за социјално осигурување, додека само 5,9 проценти од данокот на добивка се генерира од еколошки даноци. Овие даноци ги покриваат сите примени на природните ресурси, вклучувајќи горива, метали, минерали, вода, воздух и почва, освен загадувањето и емисиите на јаглерод диоксид и други стакленички гасови.

Додека ЕУ користи два значајни механизми за ставање цена на јаглеродот, Системот за тргување со емисии (ETS), којшто е пазарно базиран инструмент што им овозможува на компаниите да купуваат и да продаваат дозволи за емисии и јаглеродни давачки кои се наметнати директно од количеството емисии на стакленички гасови произведени од некоја компанија или индустрија, според Европскиот ревизиски суд, нивото на оданочување на енергетските извори во ЕУ не ги одразува емисиите на стакленички гасови. Многу штетни активности остануваат неоданочени, како горење керозин и масло за ложење во бродовите, загадување на воздухот од фабрики до моќни воздухоплови и штетни супстанции што произлегуваат од земјоделството и кои истекуваат во воздухот, водата и почвата.  

Преку оданочување, владите може да испратат сигнали за усогласување на стимулациите со нивните цели и приоритети за да спроведат постојани промени во однесувањето и инвестициите.

Истражувањата покажуваат дека потрошувачката на енергенси во ЕУ резултира со 340 милијарди евра во надворешни трошоци, како што се влијанието на емисиите од термоцентралите врз здравјето, екосистемите, земјоделството, објектите и климата. Само 10 проценти од овие трошоци се пренесуваат кај производителите преку ETS и политики за јаглеродни давачки. Со други зборови, загадувачите во ЕУ не го плаќаат својот дел.

Нееднаквото даночно оптоварување постои со децении. Премногу долго ЕУ и нејзините земји-членки избегнуваа фер, зелени и социјални даночни политики, штитејќи ги интересите на највлијателните лица, мултинационалните компании и големите загадувачи. Иако принципот „загадувачот треба да плати“ е составен дел од основачките договори на ЕУ и е нашироко промовиран од институциите во ЕУ, уделот на еколошка такса во сите јавни приходи едвај да се променил од 2006 до 2013 година и генерално опаѓа од средината на деведесеттите.

Загадувачите не плаќаат, ним им се плаќа

Загадувачите не само што избегнуваат фер оданочување, туку и им се плаќа. Од заклучокот на Парискиот договор за климатските промени во 2015 година до 2019, земјите од Г20 потрошија три трилиони евра на субвенции за фосилни горива. Само во Европа, Мрежата за климатски акции (CAN) објави дека земјите-членки на ЕУ обезбедувале по 55 до 58 милијарди евра субвенции исклучиво за фосилни горива секоја година во периодот од 2008 до 2019.

Како овие суми да не беа доволно, во изминатите неколку години, субвенциите за фосилни горива пораснаа, особено по 2021 година како реакција на пандемијата со ковид-19 и војната во Украина. Во 2022 година, владите во светот потрошија повеќе од 900 милијарди евра на субвенции, што е повеќе од двојно од вкупниот износ во 2021 година и е највискиот износ регистриран кога било.

Овие субвенции ги поевтинуваат производството и потрошувачката на фосилните горива, што потоа ги зголемува емисиите на јаглерод диоксид и ги поткопува климатските цели. Исто така, тие ја отежнуваат транзицијата кон обновливи енергии бидејќи 15 земји-членки алоцираат повеќе субвенции за фосилни горива одошто за обновливи извори на енергија.

Некој би можел да праша кој ги овозможува ваквите субвенции. Тоа сме сите ние. Седумдесет проценти од субвенциите се обезбедуваат преку даночни расходи. Додека вообичаено погрешно се мисли дека со субвенциите се помагаат сиромашните домаќинства и се обезбедува пристап до енергенси за оние кои не можат да си ги дозволат, во пракса, поголема корист од нив имаат најбогатите домаќинства бидејќи трошат пропорционално повеќе енергенси, па оттаму и добиваат поголем процент од придобивките од субвенциите.

Работници? Кои работници?

Таквите даночни комбинации и стимулации со кои се наградуваат моделите на производство и потрошувачка кои ја уништуваат животната средина се манифестации на економскиот модел земи-направи-фрли, со кој се максимизираат екстракцијата на ресурси и потрошувачката, а се минимизира човечкиот капитал.

Преголемото потпирање на даночниот систем на ЕУ на данокот на доход од труд, што е најпогрешно интерпретираниот тип на данок, не само што влијае врз климата, туку и врз пазарот на трудот, бидејќи ги стимулира работодавачите да ги скратат работните места за да генерираат добивка. Како што невработеноста останува огромен предизвик во Европа, со повеќе од 13 милиони луѓе кои се обидуваат да најдат работа, а работодавачите страдаат од недостиг на кадар, оваа даночна комбинација не е усогласена со потребите на пазарот на труд.

Постои едноставно решение. Како што вели Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш: „Да се оданочи загадувањето, а не луѓето“. Тоа може да се направи преку даночни измени со кои ќе се намали даночното оптоварување врз работна сила и ќе се надомести со зголемување или со воведување на даноци за загадување и за искористување ресурси. Со таквите даночни измени би се намалило даночното оптоварување врз работната сила и работниците, би се овозможило создавање работни места, би се зголемила социјалната потрошувачка и би се зајакнала заштитата на животната средина.

Еколошките такси не само што ги поттикнуваат бизнисите да ги намалат емисиите и потрошувачката на енергенси, туку може и да доведат до инвестиции во поефикасни технологии и процеси, но и да финансираат климатски акции и обиди за ублажување на последиците од климатските промени. На пример, според Европскиот зелен договор, дел од добивката генерирана од ETS е резервиран за инвестиции во чиста енергија, климатска адаптација и други мерки за помош околу намалување на емисиите на стакленички гасови и ублажување на последиците од климатските промени.

Даночните измени стануваат сè попопуларни во Европа, а неколку влади воведуваат политики во таа насока. Белгија, трета во ЕУ по висина на оданочувањето, разгледува крупни даночни реформи во сојузната влада што би можеле да ги намалат даноците на приход остварен од труд и да ги надоместат со зголемено оданочување на потрошувачката и на загадувањето. Доколку се одобрат, тие би можеле да се спроведат од јануари 2024 година.

Полесно е да се каже отколку да се направи

Даночните измени може звучат едноставно на хартија, но во пракса нивното воведување и имплементирање претставува предизвик. Иако во последниве 30 години Европската комисија се обидува да го пренасочи даночното оптоварување од доходот од труд кон загадувањето и искористувањето ресурси, не е постигнат голем напредок и нештата не се движат доволно брзо.

Главната причина за тоа е што, првенствено, оданочувањето во ЕУ е прашање на национална надлежност, а даночната комбинација на секоја земја-членка се одредува во однос на конкуренцијата во рамките на ЕУ. Кога една земја-членка сака да ги натера големите загадувачи да платат, големите мултинационални компании можат едноставно да преминат во друга земја-членка и да ги избегнат нивните обврски, што создава притисок врз владата. Оваа штетна конкуренција во комбинација со барањето за едногласно донесување одлуки во ЕУ и измените на прашањата поврзани со оданочувањето ја држи ЕУ во даночна комбинација што не е соодветна.

Како што земјите-членки во ЕУ се соочуваат со неколку заеднички предизвици, решението е во солидарноста и во промената од даночна конкуренција во даночна соработка. Соработката не треба да се одвива само меѓу владите, туку и меѓу различни делови од институциите во ЕУ што имплементираат стратегии. Тоа е неопходно за да се изнајде сеопфатен пристап бидејќи мерките за даночни измени се однесуваат на повеќе области на политиките на ЕУ, програми, акциски планови, како што се Зелениот договор, пакетот Подготвени за 55 (Fit for 55), акцискиот план за нула загадување, стратегијата Од фарма до виљушка, директивата за ракување со отпад и Европскиот столб на акциски план за социјални права.

Дури и ако се надминат овие пречки, сепак треба да постои силна политичка волја за даночните измени. Сепак, за многу политичари, тоа е многу наметливо; воведувањето нови еколошки давачки што опфаќаат активности со загадување и искористување ресурси предизвикува страв од конкурентска неповолност, а таквата реформа на даночната политика создава конфликт меѓу владите, индустриите и лоби-грубите кои имаат силен интерес да го задржат својот статус кво.

Еден од најмногу цитираните аргументи против еколошките давачки е дека тие со текот на времето ќе исчезнат. Навистина, природата на оваа даночна основица значи дека декарбонизираната економија неизбежно ќе доведе до намалување на некои од приходите генерирани со еколошки такси. Сепак, тоа не треба да го спречи воведувањето данок за загадување и за искористување ресурси бидејќи намалувањето во крајна мера значи дека овие даноци ќе ја исполнат својата крајна цел: да помогнат да се исполнат климатските цели на ЕУ.

Генерално, владите имаат неколку алатки на располагање кога даноците се намалуваат, како зголемување на даночните стапки или проширување на даночната основица како надомест за намалената добивка. Но, пристапот кон справување со намалувањето треба да биде поширок од едноставни и брзи решенија и треба да се смета за следен еволутивен чекор во динамичниот систем на оданочување што континуирано се ребалансира и се прилагодува согласно променливите околности и предизвици.

Патот нанапред

Ако ЕУ е сериозна во однос на својата цел да стане првиот јаглеродно неутрален континент до 2050 година, таа мора да се придржува до одредбите на Зелениот договор кои подразбираат даночна измена од данокот на доход од труд кон еколошки давачки и да ја ребалансира својата даночна комбинација во согласност со праведната транзиција која е исто така и социјална. Само доброконципирана и имплементирана даночна измена може да ги адресира меѓусебноповрзаните предизвици со кои во моментов се соочува ЕУ, да овозможи финансии за инвестициите што се неопходни за еколошката и за социјалната тразиција и, конечно, да ја направи ЕУ поиздржлива за идни шокови.