Европските општества не би функционирале без енергенси, што е токму причината зошто енергетската транзиција претставува толку длабока трансформација. Во првиот напис од нашата серија за урбана политика во услови на климатски итна состојба, прашуваме дали локалната енергетска демократија може да ги надмине пречките со кои се соочува зелената транзиција. Фосилните горива нè држеа во големи, безлични енергетски системи врз кои имавме мала контрола или воопшто ја немавме. Можат ли обновливите енергии да го реполитизираат, па дури и да го демократизираат нашиот однос со енергенсите?

Енергетската транзиција низ Европа ги продлабочува постојните поделби и создава нови политички конфликти. Од една страна, користењето на обновливи енергии претставува ризик за зголемување на разликите град-село. Од друга страна, потребата од радикална промена кон „енергетска трезвеност“ се судира со искривените, но длабоко вкоренети идеи за индивидуална слобода и економска иницијатива.

Причините за овој отпор кон промени може да се следат наназад до начинот на кој политички и економски се управувало со енергенсите во последните децении. Прво, постојат разлики помеѓу произведувачот и потрошувачот. Европските граѓани се навикнаа на премногу и на евтино увезени енергенси, без да ги сфатат негативните ефекти од тоа. Производството на нафта и на гас на Блискиот Исток, на пример, е далеку од секојдневното искуство на европскиот потрошувач. Цивилната нуклеарна енергија, исто така, ја илустрира оваа разлика: изгледите неколку електрани да опслужуваат цели земји ги прави влијанијата од производството на енергија невидливи.

Од политичка перспектива, и управувањето со енергенсите беше хиперцентрализирано поради својата стратешка важност. За конвенционалните енергенси, како јаглен или гас или порано нуклеарната енергија, а понеодамна и за обновливите извори како ветерни и соларни електрани на копно и на вода, централизираното планирање се сметаше за предност. Сепак, ваквото централизирање ја поткопува демократската контрола врз енергенсите и капацитетот на граѓаните да донесуваат самостојни одлуки за нивно користење.

Либерализацијата на енергетскиот сектор во ЕУ што започна во доцните деведесетти, исто така, игра улога во попречување на еколошката транзиција. Во речиси сите земји-членки на ЕУ, енергетскиот сектор, а особено електричната енергија и гасот, беа управувани од јавни претпријатија. Од 1996 година, ЕУ го трансформира овој сектор во единечен, интегриран внатрешен пазар, со цел да ги намали трошоците и да ја подобри безбедноста на понудата. Денес, производителите на електрична енергија и операторите (првата и последната алка во енергетскиот синџир) се приватни чинители, додека средните чекори (транспорт и дистрибуција) вообичаено остануваат државни монополи под контрола на јавни претпријатија и институции.

Со отворање на секторот за конкурирање на приватниците, владите видоа како нивните капацитети за планирање се намалуваат, а разликата меѓу производството и потрошувачката дополнително расте. Денес се очекува граѓаните кои живеат блиску до ветерни електрани на копно да излезат на крај со влијанието на инфраструктурата на обновливите извори на енергија врз нивната околина и врз животната средина, но генерално големите приватни компании го собираат целиот профит.

Овде стапува на сцена концептот на „енергетска демократија“. Врз основа на уверувањето дека единствениот начин енергетската транзиција да биде праведна и социјално прифатлива е да ги вклучи граѓаните, енергетската демократија има цел да создаде партиципаторен, децентрализиран модел на управување со енергенсите. Под влијание на локални и задругарски движења, актерите вклучени во енергетската демократија се залагаат за ремуниципализација на енергетските дистрибуциски мрежи, создавајќи граѓански енергетски проекти и дејствувајќи да влијаат врз донесувањето политики во ЕУ.

Ремуниципализација по примерот на Хамбург

Еден од начините како да се поврати моќта на локално ниво е ремуниципализација на управувањето со енергенси или да се деприватизираат компаниите. Ремуниципализацијата се однесува особено на производството и на дистрибуцијата, а им овозможува на политичарите да донесуваат информирани одлуки врз основа на цел спектар економски, социјални, и пред сè, еколошки фактори, наспроти приватните компании кои се првенствено мотивирани од профит. На пример, во Германија, дистрибутивните мрежи се во сопственост на покраините, но со нив управуваат приватни чинители на концесии од 10 или 20 години. Откако ќе победат во компетитивниот процес на наддавање, приватните компании се одговорни за стратешки одлуки за развој на мрежата (што може да влијае врз изводливоста на проектите за обновливи извори на енергија во регионот) и го собираат генерираниот профит.

Во Хамбург, шведската државна компанија Ватенфал беше одговорна за управување на градската инфраструктура за дистрибуција на електрична енергија до 2013 година, кога граѓанската иницијатива „Наш Хамбург, наша мрежа“ (Unser Hamburg unser Netz“) собра доволно потписи да побара референдум за ремуниципализација. На 22 септември 2013 година 50,9 проценти од населението гласаше за рекомунализација на градските дистрибутивни мрежи за гас, електрична енергија и греење. Иако спротивен на желбите на администрацијата на власт (предводена од Олаф Шолц, актуелниот германски канцелар), резултатот им овозможи на граѓаните да ја вратат моќта врз градските енергетски политики. Денес, со сите три мрежи управуваат јавни компании што се целосно во сопственост на локалната власт.

Дел од предностите на ремуниципализацијата се поголема демократска контрола, транспарентност, поголема поддршка за развој на обновливи извори на енергија, покоректни ценовни политики, безбедност на дистрибуцијата и можност за канализирање на профитот генериран за доброто на граѓаните.

Сепак, ремуниципализацијата сама по себе не го зголемува вклучувањето на граѓаните во управувањето со енергенсите од ден на ден. На пример, таа не подразбира граѓанско учество во јавното претпријатие што управува со мрежата. За да се осигура дека одлуките се донесуваат колективно и дека ги претставуваат интересите на заедницата, бордот на директори на компанијата треба да се подели подеднакво меѓу граѓаните, локалните здруженија или бизниси (граѓанското општество) и избраните локални претставници. Друго ограничување на ремуниципализацијата е што тоа се однесува само на дистрибуција на енергенсите.

Повторно земање на производството на електрична енергија во свои раце

Задругите и граѓанските енергетски иницијативи ја носат енергетската демократија на друго ниво. Задругите се претпријатија во колективна сопственост каде што моќта се спроведува демократски. Нивни акционери се граѓаните, од кои секој има еден глас во бордот на директори (независно од бројот на акции што го поседуваат). Применето на енергетиката, задругите се често група граѓани кои инвестираат во проект за обновлива енергија и управуваат со него.

Од друга страна, граѓанските енергетски иницијативи или енергетски заедници опишуваат проекти за производство на обновлива енергија при што нивниот мнозински капитал е отворен за колективно финансирање, а со него управуваат локалните чинители. Овие иницијативи често имаат форма на задруги, но, постојат и проекти за обновлива енергија чие акционерство го делат приватните компании и граѓаните, со повеќе или помалку хоризонтално управување.

Со делење на директните или на индиректните придобивки од производството на енергија, многу е поверојатно луѓето што живеат во близина на проекти за обновлива енергија да ги прифатат. Оние што се против обновливите извори на енергија како аргументи често ги наведуваат отсуството на транспарентност, демократија и споделување на придобивките. Кога располагаат со моќ да донесуваат одлуки, граѓаните воспоставуваат една форма на агенција, учат за предизвиците на енергетската транзиција и го откриваат политичкото дејствување.

Наместо да бидат заробени од делокализирани приватни интереси (компанијата што стои зад проектот ретко е од самиот регион), профитот што се создава или им се враќа на граѓаните-акционери или се реинвестира во локални проекти со позитивно социјално и еколошко влијание. Демократската контрола врз профитот обезбедува дека тој не се користи за финансирање на активности што загадуваат, како што понекогаш е случај со приватните компании активни и во проектите со обновливи извори и со фосилни горива.

Со делење на директните или на индиректните придобивки од производството на енергија, многу е поверојатно луѓето што живеат во близина на проекти за обновлива енергија да ги прифатат.

Освен тоа, енергетските проекти коразвиени од страна на локалното население може да помогнат да се создадат врски и да се надминат идеолошките или човечките поделби, давајќи му конкретно значење на поимот „заедница“. Вклучувањето во колективно претпријатие, исто така, може позитивно да влијае на индивидуалното однесување, доведувајќи, на пример, до пониска потрошувачка на електрична енергија. Конечно, граѓанските енергетски иницијативи ги штитат заедниците од негативните последици од флуктуациите на пазарот.

Признание од Брисел

Додека целокупната рамка на ЕУ сè уште ги фаворизира приватизацијата и конкурентноста, во 2020 година во ЕУ беа донесени две директиви за поттик на заедниците за обновлива енергија (RECs) и граѓанските енергетски заедници (CECs). И двете категории се карактеризираат со ограничена профитабилност и со позитивно еколошко, социјално или локално економско влијание.

RECs може да се сметаат за подвид на CECs кои треба да исполнат неколку дополнителни барања. Прво, мора да бидат сочинети исклучиво од граѓани, локална власт или мали и средни претпријатија, додека големите корпорации може да бидат членки на CECs. Второ, мора да се водат според истите принципи на демократско владеење како задруга. Трето, мора да бидат автономни не само во однос на останатите учесници на пазарот, туку и на сопствените членови. Четврто, нивните членови мора да живеат во близина на проектот за обновлива енергија, иако радиусот на е специфициран. Конечно, тие се ограничени на производство, додека CECs може да изведуваат повеќе активности, како дистрибуција и енергетски услуги.

Откако беа ратификувани, двете директиви беа преведени во легислативата на секоја земја-членка на ЕУ со различни степени на верност во однос на европскиот текст. Целта на овие дефиниции е да се постават механизми за јавни субвенции за граѓанските енергетски проекти. Сепак, проектот и измените на законите се сè уште многу нови за да се оценат нивните конкретни ефекти.

Иако претставуваат значајна алтернатива за енергетската транзиција, граѓанските енергетски проекти остануваат малубројни во енергетските комбинации на европските земји. Во Франција, 315 проекти одобрени од движењето Енержи партаже (Energie Partagée) колективно создаваат 225 гигават часови годишно, или 0,3 проценти од потрошувачката на електрична енергија во земјата. Во Германија, земја-лидер во енергетската демократија, постојат повеќе од 900 задруги што произведуваат 8 гигават часови електрична енергија годишно, или 1,6 проценти од потрошувачката во земјата.

BürgerEnergie Берлин: енергетска демократија на дело

Основана во 2011 година за да ја зајакне демократската контрола врз енергетското движење, Биргеренерги (BürgerEnergie) Берлин е најголемата задруга во градот и денес има 1.500 членови (акционери), од кои повеќето живеат во регионот. Задругата, првенствено, беше формирана за да преземе дејство врз дистрибуцијата со наддавање да управува со берлинската мрежа за електрична енергија чијашто концесија истекуваше во 2012 година. Договорот за управување не им беше доделен (со мрежата управува општинската јавна компанија Штромнец [Stromnetz] од Берлин), така што сега Биргеренерги Берлин работи на производство, водејќи проекти за соларна енергија поставени насекаде низ градот. Освен што ја подига свесноста кај граѓаните, задругата лобира кај локалните и кај националните избрани преставници за поголема енергетска демократија.

Всушност, задруга од овој ранг е едвај профитабилна и се заснова на работата на волонтери. Со десетина активни проекти, задругата успева да генерира маргина од 2 проценти, доволно за плата на петмина вработени. Задругите претставуваат трета опција за управување со ресурси, по државата и пазарот. Додека тие фунционираат на начин сличен на хоризонталните, самоуправувачки организации, главната разлика е во финансискиот придонес неопходен за да се стане член на задругата, во случајот на Биргеренерги Берлин, една акција чини 100 евра. Потребни се најмалку пет акции за да се стане член и да се гласа на генералното собрание. Сепак, секој член има иста моќ независно од бројот на акции што го поседува.

Освен Берлин, многу чинители се мобилизираат на локално, државно и на европско ниво за да ја направат енергетската демократија реалност.

Спроведување промени во Франција: Nantes en Commun

Локалното движење Нант ан комун (Nantes en Commun, NeC) почна во почетокот на 2019 година со јасна желба да го бара назад градот за неговите жители. Со програма изградена околу тематски граѓански анкети, NeC учествуваше на локалните избори во 2020 година, но не доби ниту едно место во градскиот совет. Сепак, движењето продолжува да ги истакнува и да ги имплементира предлозите на жителите. Особено NeC дејствува да создаде заеднички потфати, како Енержи д Нант (Énergie de Nantes, EDN), првиот локален, непрофитабилен дистрибутер и производител на обновлива енергија во Франција.

Во јуни 2023 година, по двегодишни преговори со француското Министерство за животна средина и енергетика, EDN официјално беше овластена да стане дистрибутер, што беше првпат една граѓанска асоцијација да го стекне тоа право. EDN склучи неколку договори со локални производители на обновлива енергија (Атлантска Лоара, Бретања, Нова Аквитанија, Лоарски Крај) кои ќе ѝ овозможат да обезбеди електрична енергија за 10 илјади членови и да обезбеди ниска цена за сите.

Со цел да си ги повратат нивните барања за електрична енергија и да се ослободат што е можно повеќе од пазарот, членовите на EDN, исто така, станаа и сопственици на воденицата Ангревиер (Moulin d’Angreviers) во Горж. Воденицата е една од 2.300 мали хидроелектрани во Франција и произведува доволно електрична енергија за 20 домаќинства, или околу 100 лица. Сепак, кога станува збор за дистрибуција, со мрежата во Франција главно управува државното претпријатие Енеди (Enedis), оневозможувајќи EDN да постигне целосна независност.

Пристапот на EDN се фокусира на подигање свесност и намалена потрошувачка. Исто така, асоцијацијата се бори против сиромаштија на горива и им дава моќ на индивидуалци така што ја става нивната експертиза во функција на општото добро. Воденицата е и симбол на „пријателство“ сфатено во смисла на австрискиот свештеник-филозоф и политички еколошки мислител Иван Илич. Според Илич, „алатка лесна за употреба“ е онаа што ја контролираат нејзините корисници, а не обратно, и онаа која им дава моќ без да создава нееднаквост. Управувањето со воденицата Ангревиер, како она на дистрибутерот, се одвивива заеднички од страна на волонтери. Стратешките ориентации се одредуваат на хоризонтални собранија, следејќи заеднички модел на управување инспириран од социократија. На тој начин заедницата на EDN предвидува општество на антираст базирано на заемна помош и „весела опиеност од доброволна трезвеност“ како што би рекол Илич.

Патот во иднина

Напредокот на легислативата кон енергетска демократија во целата ЕУ не е едноставно иницијатива на оние кои донесуваат одлуки во Брисел. Организации како Енерџи ситис (EnergyCities) и Рескуп (REScoop), исто така, играат клучна улога во формулирањето и усвојувањето на таквите мерки.

Енерџи ситис е европска мрежа што соединува повеќе од сто градови во повеќе од 30 земји во соработка и акции во корист на енергетската транзиција во урбани области. Ремуниципализацијата на управувањето со енергенсите е клучно за нивното застапување. Главно активна во Брисел, мрежата во моментов се залага за локално базирани енергетски стратегии осмислени од избрани претставници, локална власт, граѓанско општество, академици и економски чинители.

Освен тоа, Енерџи ситис сака да се осигура дека концептот на „трезвеност“ (не само индивидуална, туку и системска) е интегриран на сите нивоа во проектите финансирани од Европската комисија и дека бројот на директни демократски иницијативи како граѓански конвенции расте.

Рескуп, Европската федерација на граѓански енергетски задруги, беше формирана пред само нешто повеќе од десет години, но успеа да стане главен фактор во полето на енергетски задруги. Со лобирање во ЕУ, Рескуп ја поттикнува европската легислатива да ја охрабри енергетската демократија. Организацијата, исто така, е активна во структурирање на мрежата и во зајакнување на соработката.

И националните федерации се клучни во посредувањето меѓу иницијативите на ниво на ЕУ и на локалните проекти за енергетска демократија. Во Франција, Енержи партаже овозможува енергетски иницијативи со пристап до алатки и до најдобри практики што треба да ги развијат. Асоцијацијата ја координира националната граѓанска енергетска мрежа, а може дури и да овозможи финансиска поддршка за одредени проекти. Во Германија, DGRV ги застапува интересите на сите задруги (вклучително и на енергетските), додека VKU е федерација што ги спојува локалните компании како Наш Хамбург наша мрежа. Благодарение на низа локални иницијативи и фактори на сите нивоа, идеалот на енергетската демократија се шири низ Европа. Зајакнувањето на демократското учество и контрола низ целиот енергетски синџир е клучно за да се надмине дефинирањето на енергетската транзиција како „зелена диктатура“. Но, и покрај динамиката на ремуниципализација и граѓанското енергетско движење, сè уште претстои долг пат, а европските земји треба навистина да се посветат.