Translations

EN MK

Како начин да се ослободи земјиште за да се зачувува биодиверзитетот, а при тоа да се задоволи зголемената побарувачка за храна, техно-оптимистичките наративи предлагаат бесконечно зголемување на земјоделското производство, вклучително и преку масовна примена на пестициди. Но, овој став кој се пренесе од академските во корпоративните кругови и во оние на креаторите на политики ја занемарува комплексноста на природните екосистеми и на динамиката на пазарот кои го регулираат пристапот до храна.

Како начин да се ослободи земјиште за да се зачувува биодиверзитетот, а при тоа да се задоволи зголемената побарувачка за храна, техно-оптимистичките наративи предлагаат бесконечно зголемување на земјоделското производство, вклучително и преку масовна примена на пестициди. Но, овој став кој се пренесе од академските во корпоративните кругови и во оние на креаторите на политики ја занемарува комплексноста на природните екосистеми и на динамиката на пазарот кои го регулираат пристапот до храна.

Идејата дека зголеменото земјоделско производство ќе ослободи земјиште за биодиверзитет и ќе го реши проблемот на глобално гладување стекнува популарност во Европа и пошироко. Во Нашиот свет низ податоци Хана Ричи тврди дека „ако најдеме начини да произведуваме доволно храна на помало плодно земјиште можеме да зачуваме поголемо живеалиште за дивиот свет“. Во декември 2022 година, холандскиот пратеник Нилуфер Гундоган изјави дека благодарејќи на засиленото земјоделство, „само во Европа можеме да ѝ вратиме на природата 75 проценти од нашата земјоделска површина, без тоа да доведе до студени зими, недостиг на храна и економска сиромаштија“.

Говорот на Гундоган беше инспириран од книгата на британскиот писател и екоактивист Џорџ Монбио Повторна генеза: Да се нахрани светот без да се уништи планетата (2022). Монбио го интервјуираат и во документарниот филм Поплочен рај,кој се залага за земјоделство со висок принос со помош на биотехнологија и кој доби многу пофалби во Холандија. Оваа техно-оптимистична визија е особено популарна во корпоративните кругови. Според агрохемискиот гигант Сингента, „ако се намали бројот на плодни земјишта неопходни по единица реколта ќе се овозможи постојното необработено земјиште да остане во својата природна состојба“.

Во ЕУ, земјоделската политика е повторно на дневен ред со Законот за обнова на природатаи со стратегијата од Фарма до виљушка (и двете круцијални делови од Европскиот зелениот договор), како и со повторните преговори за Заедничката земјоделска политика на ЕУ до 2027 година и со предлогот да се продолжи употребата на глифосат уште десет години, за која земјите од ЕУ ќе гласаат на почетокот од ноември, откако не постигнаа договор. Во тој контекст, познавањето на слабите страни на техно-оптимистичкиот пристап кон земјоделството и нивното влијание врз донесувањето политики е уште поважно.

Да се сподели или да се поштеди

Во академските дискусии, идејата дека зголеменото производство е во прилог на заштитата на биодиверзитетот при што се бориме против гладот има свои корени во раните почетоци на XXI век, кога група британски конзервациски биолози се обиде да открие која е оптималната искористеност на земјиштата и за биодиверзитет и за производство на храна, и ја изнајде рамката за поштеда на земјиште и делење земјиште.

Според моделот за поштеда на земјиште, интензивното производство на храна во култивирани области ослободува повеќе земјиште за животинските и растителните видови. Наспроти тоа, делењето земјиште се базира на пошироко распространет, помалку интензивен земјоделски систем кој поттикнува биодиверзитет во рамки на обработливите површини. Истражувачите сметаат дека доколку биодиверзитетот би можел да бира, би ја избрал поштедата на земјиштето.

Неколку дисциплинирани екологисти се обидоа емпириски да ја проверат оваа теорија и откако спроведоа истражувања за биодиверзитетот на неколку различни обработливи земјишта, дојдоа до сличен заклучок. Наследниците на оваа визија за поштеда на земјиштето денес се залагаат за „одржливо интензивирање“ во земјоделството.

Сепак, многумина конзервациски биолози го оспорија овој пристап, наведувајќи дека биодиверзитетот зависи од посложени интеракции помеѓу различни типови искористување на земјиште. На пример, еден инсект не ги почитува вештачките граници, па, според тоа, врз неговата способност да преживее влијаат условите за биодиверзитет и на обработеното и на необработеното земјиште. Биодиверзитетот е загрозен кога обработените земјишта се карактеризираат со монокултури со висока примена на пестициди и хербициди, како што е често случај при моделот на поштеда на земјиште. Во такви околности, изумирањето на локално ниво е поверојатно да стане постојано. Така, еден доблесен модел би го привилегирал еколошкиот квалитет на обработеното земјиште пред максимизирањето на продуктивноста, при тоа борејќи се против факторите на уништување на шумите.

Други, пак, отидоа подалеку, одбивајќи ги суштинските претпоставки на рамката за поштеда или делење на земјиштето. Прво, погрешна е идејата дека дивите области во кои не се вклучени луѓето се добри било за земјоделска егзистенција или биодиверзитет. Второ, да се гледа на глобалното гладување како на прашање на производство се базира на премолчена претпоставка дека побарувачката на храна е фиксна. Со други зборови, контроверзноста на поштеда или делење на земјиштето ја занемарува политичката димензија на тоа како и зошто се произведува храната, како и на тоа кој има пристап до неа.

Доблесен пример?  

Застапниците на поштеда на земјиштето ја посочуваат Костарика како пример. Во последниве децении, земјата успеа да го спречи и да го поништи трендот на уништување на шумите, при тоа инвестирајќи во зголемено производство на овошје. Навистина, може да се извлечат важни поуки од искуството на Костарика со користење грантови и заеми на земјоделците за поттикнување повторно пошумување. Сепак, земјоделската политика на земјата е озлогласена поради социјалната и еколошка штета што произлегува од интензивирањето поради извоз.

Научниците откриле намалување од 75 проценти на биомасата на летечките инсекти во заштитените подрачја во Европа по период од 30 години. Тоа се припишува на слабиот квалитет на живеалиштата и на токсичната животна средина во обработените земјишта.

За монокултурите со висок принос е потребна зголемена употреба на пестициди за да се одржи продуктивноста со текот на времето. Неодамнешен извештај на UNDP открива дека просечната примена на пестициди во земјоделството од 2012 до 2000 година изнесува 34,45 килограми по хектар во Костарика, што е далеку највисока стапка во споредба со други земји на OECD, како Мексико, Чиле, САД, Канада, Колумбија и Панама. Комбинацијата од последици како заболувања, инвалидитет и загубена продуктивност поврзани со високата употреба на пестициди годишно ја чинат Костарика 9 милиони долари.

Освен здравјето на земјоделците и на потрошувачите, интензивирањето му наштетува и на биодиверзитетот. Една долгорочна студија открива дека додека заштитетните подрачја во Костарика се зголемиле со текот на времето, нивното коегзистирање со плантажите за банани и ананас кои користат многу пестициди, довело до слаба поврзаност и квалитет на живеалиштата. Како резултат на тоа се намалува диверзитетот на птиците, растенијата и на инсектите.

Сличен тренд се забележува и во Европа. Научниците откриле намалување од 75 проценти на биомасата на летечките инсекти во заштитените подрачја во Европа по период од 30 години. Тоа се припишува на слабиот квалитет на живеалиштата и на токсичната животна средина во обработените земјишта. Бројот на птици што се хранат со инсекти исто така се намалува, бидејќи севкупниот квалитет на обработливо земјиште, заштитени области и нивната интеракција се нарушени со земјоделското интензивирање.

Во трка за профит

Можеби главното прашање во однос на поштедата на земјиште е тоа што се претпоставува дека тоа е директна врска помеѓу продуктивноста и конзервацијата. Додека расчистувањето на земјиштето поради земјоделство или пасење треба да се адресира во борбата против климатските промени и уништувањето на биодиверзитетот, не постојат гаранции дека зголемените земјоделски приноси ќе доведат до зачувување на друго место.

Емпириските докази укажуваат дека често точно е спротивното. Една долгогодишна студија што се фокусира на 122 држави во тропските предели открила силна поврзаност помеѓу зголеменото производство на стоки за извоз и уништувањето на шумските предели.

Како што се испостави, пазарната динамика е клучен фактор за експлоатирање на земјиштето. Зголемената ефикасност создава можност за поголем профит, а логичен начин да се зграби таа можност е да се обезбеди повеќе земјиште за производство. Конкуренцијата помеѓу земјоделците поттикнува усвојување на алатки за ефикасност, дополнително интензивирајќи поголемо производство преку експанзија. Во свет на конкуренција, придобивките од ефикасноста бргу се губат, ставајќи ги земјоделците во рутина на производство, при што следниот чекор е уште повеќе да се деградира земјиштето за истиот профит или да се бара друг модел за ефикасност.

Ветувањето за анулирање на уништувањето на биодиверзитетот е во околина со луѓе кои ги користат земјиштата одржливо, а не како области заштитени како тврдини.

За да се избегне оваа трка до дното, некои застапници на поштеда на земјиштето предлагаат комбинирање на земјоделското интензивирање со програми за зачувување на живеалиштата. Сепак, тоа не ги надоместува негативните последици на интензивирањето и големата употреба на пестициди врз биодиверзитетот и човековата добросостојба. На пример, исфрлањето на еродирана почва полна со нутриенти во потоци ги намалува квалитетот на водата и на живеалиштата на рибите во рибниците низводно.

Освен тоа, вклучувањето на еколошко знаење базирано на конкретно место е клучно за да се одржи високо ниво на биодиверзитет во заштитените подрачја и да се пружи отпор кон пазарните и политичките сили кои се закана за уништување. Ветувањето за анулирање на уништувањето на биодиверзитетот е во околина со луѓе кои ги користат земјиштата одржливо, а не како области заштитени како тврдини.  

Од експлоатација до одржливост

Силите на пазарот, како и земјоделските, шумските и трговските политики вршат далеку поголем притисок врз природните живеалишта отколку динамиката на продуктивност. Во некои земји или региони можеби посилно се спроведува заштитата на животната средина, поради ценовната спекулација може да се стимулира една житарка наместо некоја друга, флуктуациите на пазарот на семиња може да влијааат врз изборот на земјоделците итн. Ваквата политичка и пазарна динамика одредуваат кога, ако, од кого и како главните живеалишта се расчистуваат поради земјоделство.

Глобалниот глад е предизвикан од нееднаквост, неправедност и капиталистички структури на моќ. Тој не претставува првенствено проблем на недоволен принос. Интензивирањето може да има позитивен, негативен или никаков ефект врз пристапот до храна и врз безбедноста, а често има негативно влијание врз биодиверзитетот. За да бидат навистина одржливи, методите на интензивирање (како климатски паметно земјоделство, вертикално земјоделство, генетски модифицирани култури и алтернативни протеини) треба да опфатат богатство на видови во своите практики и во однос на нивната околина, а не во некое недефинирано „друго место“.

Практично, популарноста на моделот на поштеда на земјиште ѝ донесе огромни придобивки на агробизнис-индустријата. Во минатото, уништувањето на животната средина во области со интензивна земјоделска активност беше претежно прикажувано како неопходно зло за да се нахрани светот и за да се обезбеди рурална добросостојба. Со појавата на наративи за поштеда на земјиштето, вклучително и во рамки на еколошкото движење, интензивирањето и одржливоста сè почесто се сметаа за едно исто нешто.

Глобалниот глад е предизвикан од нееднаквост, неправедност и капиталистички структури на моќ. Тој не претставува првенствено проблем на недоволен принос.

Во Холандија, соочени со правно барање да ги намалат емисиите на азот сточарите што се занимаваат со интензивно сточарство можеа да го прикажат својот модел како одржлив. Движењето на граѓани-земјоделци (BoerBurgerBegewing, BBB), коешто се појави во политичкиот конфликт за азот и за иднината на земјоделството, одигра клучна улога на холандските локални избори во март 2023 година. Според BBB, „особено продуктивното земјоделство, како она во Холандија, заштедува искористување простор и земјиште насекаде низ светот“.

Наративот за поштеда на земјиштето исто така се користи и во расправата за употреба на хербициди и на пестициди во земјоделството. Во еден напис на европскиот огранок на Кроплајф (CropLife), трговска асоцијација на агрохемиски компании, се вели дека органското земјоделство треба да се поддржи сè додека „намалената земјоделска продуктивност во Европа што се јавува како резултат не доведе до несакани промени во примената на земјиштето во други делови на светот, што би можеле да имаат штетни влијанија врз биодиверзитетот и климата“.

Во суштина, моделот за поштеда на земјиштето поставува јасни граници помеѓу светот на човекот и природата. Неговите застапници сметаат дека клучно за спасување е да се прифати оваа поделба и да се примени врз искористувањето на земјиштето и зачувувањето на природата. Сепак, колку и да се обидуваме да мислиме поинаку, ние сме органски суштества чија долга историја е еколошки и социјално испреплетена.

Одвојувањето на луѓето и на природата е историски производ. Кога белите дојденци за првпат ја истражиле Северна Америка, се воодушевувале на дивината и на изобилниот биодиверзитет на кој наишле. Биле зачудени како можеле да јаваат коњи низ шуми кои им изгледале дека се божествено организирани. Некои мислеле дека тоа е рајот, други, пак, дека тоа е израз на заостанатост. Денес знаеме дека она што тие го виделе биле особено комплексно уредени средини, создадени со хармоничен спој на социјални практики и на еколошки сили.

Изградбата на нови реципрочни односи со околината, каде што луѓето ги усогласуваат производството на храна и биодиверзитетот, претставува вистинска алтернатива на уништувањето на животната средина. Оваа идеја е основата на агроекологијата со нејзините политички, социјални и научни практики на одржливост. Вистинските екологисти би требало да дејствуваат во оваа насока наместо да промовираат поедноставено разбирање на прехранбениот систем.