Во последно време, граѓаните на Србија и на Албанија понудија инспиративни примери на мобилизација против екстрактивизмот и уништувањето на екосистемот. Може ли нивниот успех да се преслика насекаде низ Балканот и подалеку?

Во последнава деценија, Балканот е сведок на бран еколошки протести, поттикнати од грижата за еколошкото наследство во регионот и влијанието на човековата активност врз природните ресурси. Протестите за реката Вјоса во Албанија (спротивставувањето на изградбата на хидроелектрани на една од последните диви реки во Европа) и движењето за заштита на Јадар во Србија (кое се бори против експлоатацијата на едно од најголемите лежишта на литиум во Европа) се истакнати примери.

Двете движења се разидуваат во поглед на организацијата, траењето и тактиката. Протестите за Јадар траеја неколку месеци и вклучуваа политички фактори, додека оние на Вјоса се одвиваа неколку години и беа водени од грасрутс иницијативи и непрофитни организации. И покрај нивните разлики, двете движења успешно мобилизираа граѓани и влијаеја врз политичките исходи. Во јануари  2022 година, српската премиерка објави дека се повлекуваат дозволите на Рио Тинто за истражување на проектот Јадар. Слично, во март 2023 година, реката Вјоса беше прогласена за национален парк, што ја штити од дополнителни градежни активности.

Напад врз биодиверзитетот

Извирајќи во Грција, Вјоса е една од последните диви реки во Европа, со тек од преку 270 километри без вештачки пречки. Во нејзиниот басен живеат повеќе од 1.100 животински и растителни видови, од кои некои се меѓународно класифицирани како критично загрозени.

Во мај 2017 година, албанската влада повторно објави тендер за изградба на голема хидроцентрала во Каливач, којашто беше почната во 2007 година со италијанската група Бекети, но беше прекината. Договорот со Бекети беше раскинат во 2016 година со сериозно обвинување за фалсификување документи и перење пари поврзани со проектот. Во тоа време владата им понуди концесија на турски инвеститори. Друг проект во Почем вклучуваше изградба на 25-метарски ѕид од брана, загрозувајќи ги чакалните наноси во реката и алувијалните шуми. Протестите се засилија во 2018 година, кога требаше да продолжи изградбата во Каливач. Главниот инвеститор беше Ајен-Алб, заеднички потфат на Фуша од Албанија и Ајен Енерји од Турција.

Во Србија, во долината на реката Јадар живеат низа растителни и животински видови. Освен што се одликува со биодиверзитет, реката претставува клучен извор на вода за околните населени места. Исто така, во долината се наоѓа едно од најголемите лежишта на литиум во светот, што е стратешки ресурс за батериите за електричните возила. Јадар требаше да стане најголем рудник за литиум во Европа, помагајќи ѝ на ЕУ да ја задоволи својата брзорастечка побарувачка поради исфрлање од употреба на машините со согорување што емитуваат јаглерод до 2035 година. Откривањето на лежишта со литиум во Јадар потекнува од 2004 година. Англо-австралиската рударска корпорација Рио Тинто планираше да почне со изградба на рударски капацитети во 2023, со цел првиот продажен производ да излезе на пазарот до 2026 година.

Рио Тинто немаше направено студија за еколошкото влијание за српските власти. Непосредниот почеток на операциите на Рио Тинто за рудникот во Јадар доведе до огромни протести во период од септември 2021 до февруари 2022 година.

Научени лекции

Иако двата протести беа насочени кон заштита на природни локалитети, двете движења имаа различни структури, тактики и обем.

Реакцијата против хидроцентралата во Каливач опфаќаше грасрутс движења предводени од локални активисти, еколошки организации и засегнати граѓани низ цела Албанија. Неколку влијателни непрофитни организации како ЕкоАлбанија, Ривервоч, Јуронатур и Фронт 21/42 одиграа клучна улога, било во мобилизирање на јавни протести, ангажирање на креатори на политики или соработка со научници.

Еколошките непрофитни организации ги водеа протестите за реката Вјоса преку Да го зачуваме синото срце на Европа (Save the Blue Heart of Europe), меѓународна коалиција за заштита на реките во балканските земји од изградба на брани и за промоција на повисоки стандарди за зачувување. Формирана во 2012 година, коалицијата беше инволвирана и во заштита на други реки на Балканот, вклучувајќи ги Сава и Неретва. Движењето дејствуваше преку мали но упорни иницијативи, вршејќи континуиран притисок врз албанската влада. Едно од објаснувањата за изборот на општествена кампања без конфронтирање наместо масовни јавни демонстрации е стравот од репресија и насилство. Во 2011 година, антивладините протести што вклучуваа десетици илјади граѓани доведоа до насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што четири лица го загубија својот живот, а десетици беа повредени.

Со пристапот на општествена кампања, граѓанските организации исто така се надеваа дека ќе го ангажираат Премиерот Еди Рама, кој беше водач на протестите во 2011 година. Како член на Социјалистичката партија, Рама стекна популарност и поддршка за време на мандатот како градоначалник на Тирана имплементирајќи иницијативи што ги подобрија градската инфраструктура и квалитетот на животот на нејзините жители. Пред парламентарните избори во 2013 година Рама вети дека ќе се бори против корупцијата, дека ќе ја ревитализира економијата и ќе спроведе европска интеграција. Неговиот бекграунд и популарност го направија можен соговорник на граѓанските организации.

Пристапот општествена кампања се покажа ефикасен во протестното движење за реката Вјоса, но загрижува ограниченото јавно инволвирање во однос на обемот на прифаќање во општеството. Физичките демонстрации и повисокиот степен на вклученост на јавноста, како што беше случај во Србија со протестите за Јадар, ќе извршеа поголем притисок врз власта да го адресира ова прашање порано.

Причината зад масовното учество во протестите за Јадар е делумно вклучувањето на политичките фактори. Во септември 2021 година, движењето Еколошко востание организираше протест барајќи Рио Тинто да го стопира проектот и да ја напушти земјата. Поддржани од Демократската и од Народната партија, демонстрациите привлекоа илјадници учесници.

За време на протестите, избледеа границите помеѓу политиката и граѓанското општество. Кон средината на 2021 година, Александар Јовановиќ-Ќут, истакнат активист на Еколошко востание, изјави дека движењето ќе учествува на изборите за Градско собрание на Белград во 2022 година. Во ноември 2021 година, во текот на протестите за Јадар, тој објави дека движењето ќе учествува и на српските парламентарни избори во 2022 година.

Важноста на физичките демонстрации во Србија беше и резултат на супресијата на Претседателот Александар Вучиќ врз граѓанското општество. Во 2020 година, Србија изгласа антитерористичка легислатива наметнувајќи строги барања за пријава и финансиски казни за организациите кои добиваат средства од странство. Иако остава демократски впечаток, Вучиќ има речиси целосна контрола врз медиумите и центрите на моќ во земјата.

Помеѓу 2018 и 2020 година се одржуваа воздржани и во голема мера мирни демонстрации против сè поавторитарното владеење на Вучиќ. Во услови кога повеќето начини на искажување несогласување беа блокирани, јавните протести станаа еден од последните упоришта за изразување отпор.

Иако ефикасно во мобилизирање масовно учество, вклучувањето на политичките партии доведе до тоа опозицијата да ризикува да ја наруши веродостојноста на протестите. Освен тоа, ако новите политички фактори што се појавија за време на протестите за Јадар не ги исполнат своите еколошки ветувања, резултат на тоа ќе биде дополнително разочарување кај Србите.

Маврово и Бор

И движењето за реката Вјоса и она за Јадар користеа искуства стекнати од претходни протести. Помеѓу 2014 и 2015 година, непосредно пред протестите за Вјоса, Да го зачуваме синото срце на Европа беа активни во заштита на Националниот парк Маврово во Северна Македонија, каде што растат букови шуми и живее загрозениот балкански рис.

На националниот парк му се закануваше изградба на две хидроцентрали финансирани од Светската банка и од Европската банка за обнова и развој (EBRD). Едно од главните барања на еколошката коалиција беше повлекување на финансиите на Светската банка и на EBRD. Тоа го постигнаа со неколку тактики, вклучително и петиција поднесена до премиерот во која што собраа преку 100.000 потписи. Кон крајот на 2015 година, Светската банка ја објави својата одлука да се повлече од проектот. EBRD тоа го стори во 2017 година.

Протестите за Вјоса и за Јадар ја истакнаа трансформативната моќ на ангажирано и активно граѓанство во демократското носење одлуки.

И протестите за Јадар имаа свој претходник. Во 2018 година, српскиот министер за енергетика објави дека кинеската рударска корпорација Зијин добила тендер за да стане стратешки партнер во еден од најголемите системи на бакар во Европа, а единствен во Србија, РТБ Бор. Сместен во источна Србија, рудникот функционира од раните почетоци на XX век и се соочувал со низа еколошки и социјални проблеми, вклучувајќи загадување на водата и воздухот и последици врз здравјето на локалното население. Откако Кинезите го презедоа и го проширија рудникот во Бор, загадувањето на воздухот се зголеми, при што нивоата на сулфур диоксид надминуваа 2.000 микрограми на кубен метар, а максималната дозволена граница е 350. Во периодот од крајот на 2019 и почетокот на 2020 година, жителите на Бор организираа неколку протести и конечно го принудија градоначалникот да поднесе официјална кривична пријава против Зијин, и да ја натера владата да преземе чекори и да ја прогласи компанијата за одговорна. Во почетокот на 2021 година, Србија му наложи на Зијин да ја заврши прочистителната станица откако не се придржуваа до еколошките стандарди.

Кајаци и блокади на патишта

Тактиката на општествена кампања применета против предложените хидроцентрали на реката Вјоса не само што ѝ помогнаа на коалицијата да ја подигне свесноста во земјата и меѓународно, туку и ја задржа оваа тема во јавната свест со години. Конечно, тоа изврши значителен притисок врз владата да го ревидира својот план за реката.

Меѓународната димензија на движењето послужи како доказ дека заштитата на животната средина претставува глобален проблем што може да привлече поддршка пошироко од локалните групи и заедници кои се директно засегнати.

Друг значаен пример на меѓународна иницијатива беше балканската речна тура во 2016 година. Кајакари од разни земји, меѓу кои Италија, Германија и Холандија, се впуштија во загрозените реки на Балканот за да привлечат внимание врз штетните последици од изградба на брани. Турата кулминираше со моќен протест одржан пред канцеларијата на албанскиот премиер во Тирана, каде што беа изложени кајаци со стотици потписи против изградбата на браните на реката Вјоса и со заложби за прогласување на национален парк.

По две години, Да го зачуваме синото срце на Европа организираше концерт за балканските реки како круна на првиот Самит за европските реки одржан во Сараево. Настанот привлече повеќе од 200 активисти, научници и загрижени граѓани од различни земји, кои имаа иста цел, да ги зачуваат чисти слободните реки во регионот.

Со масовно учество, протестите за Јадар беа претежно национални. Стратешките блокади на патиштата во Србија се покажаа особено ефикасни во привлекување внимание. Предизвикувајќи им непријатност на луѓето и прекинувајќи ги економските активности, блокадите извршија притисок врз одговорните.

Интензитетот на протестите ескалираше во ноември 2021 година, откако српската влада предложи модификација на два битни закони. Со предложените промени се бараше зголемување на државната моќ за експропријација на имот во рок од само осум дена, што би го забрзало иселувањето на населението што живее во близина на рудникот, и поместување на прагот за бројот на гласачи неопходни за референдумот да се прогласи за успешен, заменувајќи го со просто мнозинство. Српските власти претходно најавија можен референдум за операциите на Рио Тинто во Јадар. Во 2020 година, Рио Тинто покрена стекнување на земјиште околу лежиштата на литиум, често нудејќи надомест како единствена алтернатива за експропријацијата. Нивното споменување на експропријацијата како да го предвиде новиот закон, што населението во близина на Јадар го сметаше за директна закана.

Тоа го достигна врвот на незадоволство во српската јавност. На 4 декември 2021 година, се одржа еден од најголемите протести, при што демонстрантите го блокираа Мостот на слободата во Нови Сад и го блокираа сообраќајот на автопатите во Ниш, Ужице, Суботица и во други градови. Демонстрациите ја натераа српската влада да го повлече предлогот за законот за експропријација, но одлучи да ги задржи измените на легислативата во однос на референдумот, што предизвика дополнителни немири.

Во соработка со повеќе од 40 иницијативи и движења, Еколошко востание го призна повлекувањето на „предаторските закони“ како позитивен чекор, но нагласи дека победата не е целосна. Движењето повика на итно јавно обелоденување и поништување на сите договори со Рио Тинто. Во меѓувреме, демонстрантите продолжија со блокади на патишта, главни автопатишта и мостови на повеќе од 50 локации во Србија.

Демократско влијание

Протестите за Вјоса и за Јадар се едни од најуспешните еколошки кампањи во историјата и на Албанија и на Србија и ги одразуваат сè поголемата свесност и загриженост околу еколошките прашања помеѓу граѓаните и заинтересираните страни.

На различни начини, овие две движења обединија различни индивидуалци, заедници и организации овозможувајќи платформа за изразување загриженост и искажување несогласување. На тој начин ја истакнаа трансформативната моќ на ангажираното и активно граѓанство во демократското донесување одлуки.

Во Албанија протестите ја ставија заштитата на Вјоса во преден план на политичките дискусии. Во 2020 година, тогашниот Претседател Илир Мета официјално се заложи за прогласување на национален парк. За време на изборната кампања во 2021 година, опозицискиот лидер на Демократската партија (ДП) Љуљзим Баша ја нагласи неговата посветеност кон зачувување на реката и кон спречување на изградбата на хидроцентралите.

Како реакција на сè поголемиот притисок, Премиерот Рама, исто така, вети дека ќе ја заштити областа и подоцна прогласи поништување на проектот за хидроцентрали. Следната година бараше повторно да биде избран ветувајќи дека Вјоса ќе стане национален парк. Сепак, протестната кампања траеше сè додека не беа спроведени мерките за целосна заштита на реката во почетокот на 2023 година.

Политичките последици на еколошките протести беа уште поголеми во Србија и доведоа до појава на нови политички сили. Откако го објавија своето учество на општите избори во 2022 година, Еколошко востание ја создаде коалицијата Мораме со Заедно за Србија (ЗЗС) и Да не го давиме Белград (НДБ).

Влијанието на Мораме врз српската политика беше огромно. Коалицијата собра приближно пет проценти од гласовите на општите избори, освојувајќи 13 места во Народното собрание. Во јуни 2022 година, ЗЗС, Еколошко востание и Собранието на слободна Србија се споија во Заедно, партија со зелено-левичарска политичка ориентација. Партијата како свои суштински приоритети ги наведува заштитата на животната средина, енергетската транзиција и директната демократија.

Појавата на Мораме и на Заедно го заживеа политичкото милје во Србија така што ја зајакна опозицијата и понуди нови перспективи. Овозможи платформа за прогресивни гласови што ќе се залагаат за еколошки прашања и ќе спроведат значителни промени со демократско учество. Тоа ѝ покажа на Србија можност да оди по алтернативен пат, дури и ако не е доволно да се предизвика владејачката контрола на Вучиќ.

Успехот и видливоста на протестните движења за Јадар и Вјоса веќе инспирираа други заедници што се соочуваат со слични еколошки и социјални проблеми. Охрабрени од својот успех во Албанија, водачите на Да го зачуваме синото срце на Европа објавија дека имаат намера да го спроведат нивниот пристап за зачувување на реките и во другите балкански земји. Како иден приоритет на коалицијата беа избрани Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде што се води сè посилна битка за зачувување на водите. Создавањето на Националниот парк Вјоса би можело да поттикне напори за заштита на реките насекаде во светот, како Патука во Хондурас, втората најголема река во Централна Америка.

Двојни стандарди на ниво на ЕУ?

ЕУ изрази поддршка на протестите и за реката Вјоса и за Јадар, но не со исто ниво на ангажираност. Клучна цел на стратегијата за биодиверзитет на ЕУ за 2030 година е да се рехабилитираат најмалку 25.000 километри слободни реки. Зачувување на европските реки и крајбрежни води е исто така во фокусот на Рамковната директива за водите. Поради тоа, поддршката на ЕУ за заштита на реката Вјоса трае со години. Во 2018 година, Европскиот парламент усвои резолуција за Албанија изразувајќи загриженост за економските проекти „кои резултираа со значително уништување на животната средина во рамки на заштитени подрачја, како изградба на големи туристички одморалишта и хидроцентрали по течението на реките Вјоса и Валбона“. Исто така, резолуцијата ја охрабри Албанија да ја преиспита својата стратегија за обновливи енергии и да ја намали зависноста од хидроенергија за производство на електрична енергија.

За да го зачува својот кредибилитет како вистинска демократска сила ЕУ мора да заземе доследен став и отворено да ги адресира сите конфликти на интерес.

Интересот за Вјоса беше составен дел и од Извештајот за напредок на Албанија во 2021 година, во кој ЕУ бараше од албанската влада „што е можно поскоро да го прогласи Националниот парк Вјоса, што би се протегал по целиот тек на реката“.

Но, реакцијата на ЕУ кон рударскиот проект за литиум во Јадар беше повоздржан со оглед на значителната потреба од литиум на ЕУ за нејзината енергетска транзиција. Со истиснување на моторите со согорување од употреба до 2035 година, се очекува дека до 2030 година ќе бидат во употреба 30 милиони електрични автомобили. Во земјите во ЕУ веќе се произведуваат повеќе од четврт од електричните возила во светот, а Фолксваген во Германија има цел да стане најголем производител на електрични автомобили до 2024 година, надминувајќи ја Тесла.

Во декември 2021, за време на протестите за Јадар, портпаролката на Европската комисија Ана Пизонеро изјави дека проектот претставува „многу добра можност за социо-економски развој на Србија под услов да ги почитува највисоките еколошки стандарди“, додавајќи дека ЕУ би ѝ помогнала на Србија да привлече партнери и инвестиции за развој на одржливи синџири на вредност на суровини и батерии.

Овие различни пристапи ја одразуваат тешкотијата на ЕУ да ја усогласи својата поддршка во еколошките борби со својите економски интереси во контекст на еколошка транзиција.

Иднината на еколошките протести

Протестите за реката Вјоса и Јадар усвоија различни пристапи што ги одразуваат политичките и социјалните околности во нивните земји. Но, и покрај нивните разлики двете движења се доказ за демократското влијание врз занимавањето на граѓаните со еколошки теми во регионот. Тие не само што успешно ги стопираа проектите за кои се противеа, туку и поттикнаа владина и корпоративна отчетност и отворија нови патишта за политички промени. Но, еколошките битки не се завршени.

Во Србија, Рио Тинто не се откажа од проектот во Јадар. Компанијата купува земјиште околу предложената локација на рудникот, а можноста за распишување референдум за проектот е сè уште во игра. Останува да се види реакцијата на Заедно и на другите нови зелени и левичарски политички фактори. Во меѓувреме, во Албанија граѓанските организации се мобилизираат против изградба на меѓународен аеродром во Валона, што претставува закана за областите на птиците-преселници на брегот на Јадранското Море.

Следниве години, појавата на еколошки движења веројатно ќе го обликува политичкиот пејзаж во Албанија, Србија и во другите балкански земји. ЕУ може да биде корисен сојузник во овој процес. Но, за да го задржи својот кредибилитет како навистина демократска силаЕУ мора да заземе доследен став и отворено да ги адресира сите конфликти на интерес.