Поради порастот на температурите во летните месеци станува неподносливо да се живее во европските градови. Пристапот до разладени домови и објекти отпорни на климатските промени, како паркови и базени, не треба да биде ограничен само на оние што можат да си ги дозволат.

Епохалните топлотни бранови, година за година, станаа новото нормално во Европа. Како што е случај со болестите и со природните катастрофи, иако жештината сите нè засега, проблемот нема да биде распространет подеднакво. Сконцентрирајте се на ниво на една улица и ќе видите дека доставувачите на пратки се најзагрозени. Недоволно платени за нивната работа, работат со часови на сонцето што пече, без доволна заштита. Потоа заминуват дома во мали станчиња во населби со бетон и без дрвја. Немаат климатизација, а немаат ни градини со сенка каде што би се разладиле.

Како што се загрева континентот, сè поголемите градови и нивното население што старее ќе стануваат сè почувствителни на екстремните временски услови. Во медитеранскиот регион температурите растат многу побргу од глобалниот просек. Според студија спроведена од италијанскиот Институт за заштита и истражување на животната средина (ISPRA) градови како Мадрид, Рим и Атина се најверојатни места под закана од топлотен удар. Но, иако топлотните бранови ќе бидат посилни на југ, според Европската агенција за животна средина чувствителноста на изложувањето на топлина поврзана со стареење, болести и урбанизација е највисока во северна Европа.

Било на север или на југ, никој не може да побегне од високите температури. Сепак, веќе подолго време ЕУ и нејзините земји-членки ја игнорираат потребата да се адаптираме на климатските промени. Тоа полека се менува. По усвојувањето на европскиот Закон за климата во 2021 година, земјите-членки на ЕУ почнаа да развиваат стратегии за климатска адаптација. Во тој контекст, 2023 ќе биде важна година, бидејќи Европската комисија треба да објави извештај за напредокот на мерките за адаптација.

Сепак, сликата е далеку од идеална. Онаму каде што се спроведени политиките за адаптација, генерално, тие не опфаќаат меѓусекторски и пристап на повеќе нивоа, што би требало да се подразбира. Повеќето земји сè уште се потпираат на меки мерки, а аспектот на социјална правдa често се занемарува.

Сè повеќе градови ги прифаќаат мерките за адаптација, но не сите имаат еднаков пристап до разладување.

Луѓето што им припаѓаат на одредени групи се почувствителни на високите температури: постари лица, деца, луѓе со претходни болести, бремени жени и социјално изолирани лица. Можеби изненадува што граѓаните со ниски примања се особено загрозени. Една студија на шпанската Национална школа за јавно здравје (ENS) за влијанието на топлотните бранови врз морталитетот во Мадрид открива дека повеќе лица во населби со пониски приходи умираат од причини поврзани со жештина отколку во побогатите населби. Се откри дека износот на приходите е поголема променлива што го објаснува ова одошто возраста на населението. Кристина Линарес Хил, којашто била еден од водачите на истражувањето, за Зелениот европски журнал објаснува дека „луѓето со пониски примања генерално живеат во центарот на градот, со несоодветни услови за домување, зголемена изложеност на загадувачи на воздухот и помал пристап до климатизација, а поголем дел од нив живеат сами“.

Во Век на номади новинарката Гаја Винс вели дека побарувачката за разладување енормно ќе се зголеми во овој век и дека пристапот до пониски температури ќе стане клучно прашање за социјална правдa. За време на топлотни бранови тоа може да биде прашање на живот или смрт. Сè повеќе градови ги прифаќаат мерките за адаптација,но не сите имаат еднаков пристап до разладување. А кога се недоволно имплементирани, алатките за адаптација можат дури и повеќе да им наштетат на ранливите групи.

Бегство од топлината дома

Кога станува збор за разладувањето, климатизацијата претставува контроверзно прашање. Во градовите на југот за време на летните месеци општеството се чини поделено на оние кои имаат системи за климатизирање и оние кои немаат. „Вашите пријатели кога вам штотуку ви инсталирале климатизер“, вели едно шпанско меме во кое еден човек ѕирка во исчекување од зад едно дрво. Летото 2019 година, продажбата на климатизери и вентилатори во Франција порасна за 300 проценти во споредба со претходната година, бидејќи домаќинствата бараа спас од жештината.

Глобалната продажба на климатизери може во секој момент драстично да порасне, бидејќи за домаќинствата со високи приходи е најлесно да ги купат и да ги монтираат. Освен еколошките влијанија на разладните технологии што користат многу електрична енергија, истражувачите на Универзитетот во Калифорнија откриле дека оваа нееднаквост во пристапот ќе ги продлабочи постојните разлики во однос на здравјето, продуктивноста и резултатите од учењето во образованието.

Не секој може да си дозволи климатизер, но дури и кога би можеле, ќе треба да се во можност и да ги покријат сите трошоци за негово користење и одржување. Кога растат цените на електричната енергија, трошоците веќе ги туркаат домаќинствата со ниски примања во енергетска сиромаштија. Иако сме навикнати да гледаме на енергетската криза како на проблем во зима, побарувачката за разладување во лето ќе порасне, особено во Франција, Италија и Шпанија, предизвикувајќи бранови на потрошувачка на електрична енергија што ќе го направи електроенергетскиот систем ранлив. Според тоа, климатската адаптација за енергетскиот сектор исто така значи и да се одржува стабилноста на електричната мрежа за време на тополните бранови.

Климатизирањето ќе станува сè повообичаено. Сепак, Европската агенција за животна средина предупредува дека социјалната и индивидуалната зависност од климатизирање може да доведе до прекумерна употреба. Тоа може да ги спречи луѓето природно да се адаптираат на топлината и може да предизвика тие да ги заборават традиционалните практики независни од енергенси, како што е користење природна вентилација ноќе и ролетни во текот на најжешкиот период од денот.

Природната вентилација често се смета за алтернатива: ефикасна, евтина и поволна за животната средина. Сепак, во некои населби тоа не е толку едноставно. Да се држат прозорците отворени може да биде отежнато поради загадување, врева, па дури и поради безбедносни аспекти навечер, што е, генерално, поприсутно во населбите со ниски приходи. Европската агенција за животна средина истакнува дека тоа може да се спречи со интегрирано урбанистичко планирање чија цел е да се намали комуналната врева така што ќе се намали бројот на возила и зградите ќе се адаптираат на вревата и на топлината така што ќе користат, на пример, вентилациски отвори со капацитет да го намалат звукот.

Некои домаќинства имаат климатизери или можеби веќе се во климатски обезбедeни згради, но многу од нив немаат. Фактот што населбите со пониски примања посилно го чувствуваат ударот од топлотните бранови е исто така прашање на квалитетот на станбените објекти. Даниел Алдана Коен, директор на Социо-просторната климатска група на Универзитетот на Калифорнија во Беркли повикува на Нов зелен договор за домување: рамноправна зелена инвестиција што истовремено ќе ги адресира и климатската и кризата со животните трошоци. Тоа би подразбирало „целни инвестиции во расно поделени работнички заедници за да се декарбонизираат и да се зголеми отпорноста“, сè до „подобрување на концептот на зградите и повеќе зеленило, а и намалување на дополнителна побарувачка за енергенси“.

До неодамна, климатските акции во ЕУ, вклучително и оние за домување и за енергетика, речиси целосно се фокусираа на намалување на емисиите на стакленички гасови, а не на помош на градовите да се подготват за честите и силни екстремни временски непогоди. Напорите за енергетска ефикасност се повеќе насочени кон тоа да се преброди зимата, но не и летото. Делот за „зелени објекти“ во Европскиот климатски пакт на Европската комисија има за цел до 2030 година да ја удвои стапката на реновирање на објектите и да се осигура дека тоа ќе доведе до подобра енергетска и ресурсна ефикасност. Но, написот на Европската комисија во врска со оваа иницијатива се фокусира на намалување емисии и спречување на бегство на топлината, само попатно споменувајќи го разладувањето.

Новиот зелен договор за домување би се осврнал на планирање на објектите, вклучувајќи мерки како боење на покривите и на другите површини со бела боја, како што традиционално се прави во Грција, или специјална рефлексна обвивка што функционира на истиот принцип. Овој едноставен чекор се докажал ефикасен за температурите не само во објектите, туку и во нивната околина.

Урбанистичкото планирање станува социјално

Гледајќи подалеку од самите објекти кон пошироката градска околина, постои консензус дека природните решенија како дрвја и вештачки езера се едноставни решенија за намалување на ефектот на „градски остров на топлина“, односно високите температури што ги чувствуваат урбаните подрачја во споредба со нивната околина. Вегетацијата, исто така, го подобрува воздухот што го дишеме, а нуди и други физички и психолошки придобивки. Неодамна, Светската здравствена организација го воведе правилото „3-30-300“: секој би требало да може да види најмалку три дрвја од својот дом, секоја населба треба да има најмалку 30-процентна покриеност со крошни од дрвја, а секој граѓанин треба да има зелена површина во радиус од 300 метри од својот дом.

Во повеќето градови оваа цел е далеку од тоа да биде постигната. Во извештајот на Европската агенција за животна средина во 2022 година за пристапот до зелени и сини простори се вели дека се разликува низ Европа. Генерално, градовите во северните и западните делови од Европа имаат поголем зелен простор од оние во јужна и во источна Европа. Во самите градови, степенот на позеленување се разликува од една населба до друга, при што помали и зелени простори со понизок квалитет вообичаено се среќаваат во посиромашните делови. Во социо-економски обесправените делови од Хелсинки, Берлин или Лисабон, градските паркови имаат помалку зеленило и помалку капацитети од оние во побогатите делови од градот, со што нивната привлечност за граѓаните е намалена. Парадоксално, додека позеленувањето и посинувањето на градовите се чини дека е прашање на чист разум, таквите чекори може да поттикнат „климатска гентрификација“ во контекст на нееднаков пазар на станбените објекти. Една студија објавена во 2022 година спроведена од Институтот за екологија и технологија при Универзитетот во Барселона, проучувала 28 европски и северноамерикански градови во период од шест години. Открила дека зелените градови се под ризик да бидат понееднакви и понеправедни: „[Додека] создавањето зелени простори или примената на зелена инфраструктура за климатска адаптација ја зголемува атрактивноста на одредена област, [таа резултира и со] зголемена вредност на имотот, цените на станбените објекти и физичко раселување на населението од работничка класа, расните групи и култури“.

Копенхаген, Нант и Барселона неодамна ја искусија динамиката на зелената гентрификација. Во овие градови, исто така, со текот на децениите во различна мера се укинуваа политиките за социјална заштита и достапност до објекти за домување. Сепак, прогресивните градоначалници прават почетни напори да го стават правото на живеалиште во фокусот на своите политики. На пример, Барселона воведува мерки за намалување на цените на станбените објекти и за зауздување на туристичкото изнајмување.

Иако не се природна сина инфраструктура, и пливачките базени може да функционираат како засолништа од временските непогоди кога дури и во сенка станува неподносливо, особено за оние за кои не е опција да го вклучат климатизерот, со што пристапот до него станува прашање на социјална правда. Во тој контекст, оваа година регионалната Влада на Каталонија дозволи да се наполнат општинските пливачки базени и покрај сушата. Одлуката беше оправдана од јавноздравствени причини.

Климатските акции во ЕУ речиси целосно се фокусираат на намалување на емисиите на стакленички гасови, а не на помош на градовите да се подготват за честите и силни екстремни временски непогоди.

Во јули 2022 година, за првпат откако се евидентираат температурите, во Мадрид беа измерени 40 степени. Истиот месец во градот беше регистриран најголем број посетители на јавни базени во историјата. Додека во 2021 и 2022 година бројот на посетители беше највисок по 2008 година, некои од нив останаа затворени. Тие беа, главно, во посиромашни делови од градот. Во Шпанија има еден јавен пливачки базен на секои 59.000 луѓе, но достапноста во главниот град до нив е преполовена. Сепак, кога во равенката ќе се додадат и приватните базени, Мадрид е општина со најголем број базени во земјата. Посуело де Аларкон во регионот на Мадрид е една од најбогатите општини во Шпанија и десетта според бројот на базени според глава на жител.

Прашањето за тоа кој може да се разладува на базен води до ново прашање: на чиј трошок? Во периоди на суша, пливачките базени се натпреваруваат за ограничените водени ресурси со индустријата, земјоделството и со домаќинствата. Наградениот есеј на Хорхе Диони Лопез Шпанија на базените (La España de las piscinas) ја нагласува оваа реалност. Насловот алудира на зелените и сини острови што се наоѓаат во богатите предградија на шпанските градови, каде што живее голем дел од средната класа. „Свет на вили, резиденцијални комплекси, хипотеки, аларми, престижни училишта, повеќе автомобили во исто домаќинство, трговски центри, шопинг на интернет и приватно здравствено осигурување. Свет во кој се фаворизираат индивидуализмот и социјалните поделби,“  вели Диони.

Тенденцијата за ширење на градовите што се разви последниве децении не само што е погубна за социјалната кохезија, туку и за животната средина. „Во светот, најуспешните мигрантски градови се густо населени, но не превисоки,“ со објекти со директен пристап до улица и училишта, здравствена грижа и социјални служби локално, како и зелени простори, истакнува Гаја Винс.

Иако постои поврзаност помеѓу високите температури и понаселените градови, густината на населението сама по себе не е она што предизвикува пораст на температурите. Професорот Хавиер Неила од Политехничкиот универзитет во Мадрид, кој специјализирал биоклиматска архитектура, за Зелениот европски журнал ја објаснува динамиката: „Густината на населението не е едноставен пресуден фактор за зголемување на ефектот на остров на топлина. Тоа се примената на повеќе апарати во домаќинствата, возилата и климатизерите“.

Интересно, една студија на 53 градски региони во САД открива дека моделите на распространет урбан развој поакутно страдале од екстремна топлина во споредба со оние со покомпактен начин на живот. Според извештајот на Американската урбанистичка асоцијација од 2022 година и моделите на позбиен развој може да го зголемат ефектот на остров на топлина во градовите, но зеленилото, ладните површини и други стратегии за ублажување на топлината на ниво на дизајнот може да го ублажат таквиот пораст. „Во градовите од 15 минути луѓето помалку зависат од возила со мотори со согорување, со што се намалува загадувањето. Во исто време, тие се стратегија за социјална кохезија наспроти дисперзираните градови,“ заклучува Неила.

За градовите да се адаптираат на климатските промени на начин што ќе ги штити сите заедници експертите ја нагласуваат потребата од вклучување на ранливите групи во урбанистичкото планирање. Постојат добри примери за тоа: Европската платформа за климатска адаптација ја посочи Барселона поради вклучувањето чинители во позеленувањето на градот. Освен тоа, некои градови ја препознаа потребата за специјална помош во поглед на порастот на температурите. На пример, областа Касел во Германија има бесплатна услуга „Итна телефонска линија за чадор за сонце“ (Hitzetelefon Sonnenschirm). Волонтери им се јавуваат на регистрирани повозрасни лица и им нудат информации за здравствените ризици предизвикани од топлотните бранови; исто така, им укажуваат како да се разладат и да ја намалат опасноста.

Држава на добросостојба отпорна на климатските промени

Политиките за климатска адаптација секогаш го заземаат второто место по ублажувањето на последиците од климатските промени. Подолго време некои веруваа дека целосното признавање на потребата за адаптација би значело прифаќање на неизбежноста на климатските промени. Но, за разлика од политиката која остана пасивна, луѓето се активираа, како што покажува намалувањето на цените на станбениот простор во крајбрежните делови на САД подложни на поплави. Во написот за Атлантик, Џејк Битл, автор на книгата Големото раселување: Климатските промени и следната американска миграција, вели: „Како што вредноста на домовите опаѓа и го одразува климатскиот ризик, богатите сопственици на станбени објекти и инвеститорите ќе го фрлат својот несреќен капитал и ќе побегнат, и ќе ги остават сопствениците на станбени објекти од средната класа да се справуваат со климатските катастрофи и со скапите хипотеки“. Климатската адаптација веќе се случува. Без инволвирање на државата, личното богатство и ресурсите станаа пресуден фактор.

Државата на добросостојба е изградена врз концептот на социјална правда. Пред подемот на неолиберализмот во седумдесеттите и во осумдесеттите, западните демократии развија широки социјални програми за да го исполнат правото на живеалиште. Живеалиштето беше столб на повоениот социјален модел. За одново да се изгради визијата за XXI век, ние треба и да прифатиме дека климата и еколошките ризици имаат централно место во нееднаквоста и социјалната неправда.

Климатската адаптација, вклучително и позеленувањето на државата на добросостојба за да се ублажат ризиците поврзани со климата, се однесува на сите нивоа на политичка и на институционална моќ. Градовите и регионите не можат да дејствуваат сами. Ним им треба поддршка од државите и од наддржавните ентитети како што е ЕУ да ја финансираат и да ја овозможат нивната издржливост. За да ги направиме нашите домови и градови отпорни на климатските промени ќе ни треба план на повеќе нивоа, кој се протега низ повеќе сектори, од урбанистичко планирање преку јавно здравје до образование што ќе обезбеди учество на ранливите групи. Алтернативата е она што Алдана Коен го дефинира како „екоапартхејд“: општество во кое богатите се разладуваат во базен, додека сиромашните страдаат во сè поголемата жештина.